Tuesday, October 26, 2010

Адолфо Карабели

1893 - На 8 септември во Сан Фернандо (Аргентина) се раѓа Адолфо Карабели (Adolfo Carabelli) еден од најобразованите, ни и еден од најпотценетите танго-музичари.

- Уште како дете почнува да учи пиано, композиција, хармонија - секогаш насочен кон класичната музика. Добива образование од најдобрите учители во Аргентина.

1908 - На 15 години станува виртуоз и настапува на самостојни концерти во Буенос Аирес. Учителите сметаат дека немаат што повеќе да го научат и дека треба да продолжи да учи од италијанските мајстори.

1913 - Се запишува на Лицејот во Болоња каде што на 20 години дипломира композиција. Го очекува голема кариера на композитор и концертен музичар во Европа, но првата светска војна го присилува да се врати во Аргентина.

1917 - Како член на „Trio Argentina" каде што свири класика, се запознава со џез-пианистот Lipoff, по што настанува пресврт во неговата кариера. Со Lipoff, a подоцна и со данскиот пианист Friederickson, го формираат и водат River Jazz Band.

1925 - На барање на радио станица од Буенос Аирес, води џез оркестар именуван според неговото презиме. Снима во студио. Денес е тешко да се преслушуваат тие снимки поради лошиот квалитет.

1931 - Звукот на неговиот оркестар станува комплетно препознатлив за Буенос Аирес. Покрај џез, свири и танго. Снима редовно. Со неговиот оркестар настапуваат најпознатите музичари на тој период. Соработува и со неговиот брат - басистот Орландо Карабели. Од вокалистите настапува со Шарло, Мерцедес Симоне, Карлос Лафуенте, Луи Диаз, Алберто Гомез (под псевдонимот Нико) и Гомез-дуото. На снимките неговиот оркестар се именува на повеќе начини: "Adolfo Carabelli y su Orqesta", "Adolfo Carabelli y su Orqesta Tipica" или "Adolfo Carabelli y su Jazz Band". Го проширува опсегот на инструменти - вклучува тапани, тромбон, фагот и слично.

- Најпознати танго песни на неговиот оркестар се "Mi refugio" (1931); "Cantando" (1932) - дует Simone-Charlo; "Felicia" (1932); "Por donde andara" (1932); "Inspiracion" (1932); "Mar adentro" (1933). И песните кои не се танго, но кои денес се перципираат како танго се дел од репертоарот на неговиот оркестар - "Rodriguez Pena" (1932) и "El trece" (1932 ). Свири и фокстрот, румба и други популарни жанрови.

- Иако неговото име не се појавува на снимките, тој го водел и Orqesta Tipica Victor. Неговото влијание го направило овој оркестар еден од најдобрите во своето време.

- Ги напишал музичките прилози за повеќе филмови - "De la sierra al valle" (1938); "Ambicion" (1939); "El Angel de trapo" (1940); "Pajaro sin nido" (1940).

1940 - Со Victor ја снима последната снимка со фокстрот по што се повлекува. Се зборува дека станува збор за некаква сентиментална драма која го скршила. Предава во родниот Сан Фернандо.

1947 - Комплетно отфрлен од шоу-бизнисот умира на 25 јануари 1947 година.

1980 - Неколку негови снимки се преиздадени како дел од "Las Orqestas Olvidadas" (Заборавените оркестри). Во средината на 1990-тите тој повторно се здобива со заслуженото место меѓу музичките великани на старата гарда на тангото.

извор: todotango.com

No comments:

Post a Comment