Showing posts with label размислувања. Show all posts
Showing posts with label размислувања. Show all posts

Saturday, July 23, 2011

Тангеро е погрешно, милонгеро е правилно

Имајќи предвид дека 99% од луѓето заразени со танго не се професионални танчери и танцуваат само на милонги - јасно е дека сите тие се „милонгероси“

„Тангеро“/„тангера“ е збор што означува некој што танцува танго. Кратко и јасно. И точно! Арно ама, непрецизно.

Многу често јазикот ги одразува нашите мисли и ставови, дури и кога немаме намера тоа да го правиме. Преку зборовите на другите им наметнуваме ставови, дури и кога не сме свесни за тоа. Таков е и овој случај.

Затоа инсистирам на употребата на зборот „милонгеро“, а не „тангеро“. Која е разликата?
За разлика од „тангеро“ кој е збор со многу широко значење, зборот „милонгеро“ е далеку попрецизен. „Милонгеро“/„милонгера“ е човек кој често оди на милонги и танцува.

Сличност - И во двата случаи станува збор за луѓе што танцуваат танго.

Разлика - Зборот „милонгеро“ означува некој што танцува танго на милонги. „Тангеро“ не прецизира каде се танцува тоа танго.

Ова значи дека под „тангероси“ спаѓаат и професионалците кои танцуваат на натпревари, по сцени, на разни шоу претстави, во филмови и спотови и слично. Значи ако дефинираме попрецизно - „милонгероси“ се обично аматери, оние кои играат social tango - „тангеросите“, пак, играат се.

Имајќи предвид дека 99% од луѓето заразени со танго не се професионални танчери и танцуваат само на милонги - јасно е дека сите тие се „милонгероси“.

ЗОШТО ТАНГЕРО? Според мене, зборот „тангеро“ се шири поради неколку причини:

1) Поради тоа што зборот „милонгеро“ и е многу нејасен на пошироката публика. „Тангеро“ го содржи зборот танго и на лаиците им е појасен.

2) Поради тоа што тие што го користат навистина не мислат на „милонгероси“, туку на „тангероси“. Нив им е неугодно да кажат „милонгеро“ за некој чие танцување не е social tango - овде мислам на разните нуево играчи и плагијатори на разни танго селебрити - сценски играчи. Сепак, дури и таквите (со бучкуруш стил на танцување) се само милонгероси, затоа што танцуваат само на милонги.

3) Затоа што свесно сакаат да го наметнат ставот дека сите сме тангероси, независно каков стил танцуваме (притоа мислат на танго милонгеро). Грешка прават во тоа што зборот „милонгеро“ не доаѓа од името на стилот танго милонгеро, туку обратно (танго милонгеро е измислица на Сузана Милер, која така го нарекла стилот на милонгеросите од златното доба). Зборот милонгеро не ги исклучува оние кои играат нуево или што и да е - тој само означува човек што оди на милонги и танцува.

Friday, November 19, 2010

Танго во 6 чекори

познавањето на епохоте е важно за добро танцување - танго без крос и без очо - Firpo и Canaro - влегувањето во големите салони - најинтимното и најелегантното танго, Tango Milonguero - танго декаденција: Fantasia, Escenario, Alternativo

Не мислам дека танцувањето на одредена музика треба да биде определно од тоа на какво танцување мислеле оние што ја правеле таквата музика - начинот на танцување зависи од тоа како музиката ја доживуваат оние што танцуваат, а не од музикантите. Сепак, познавањето на тоа на која музика како се танцувало може многу да го подобри танцувањето. Изразните средства во танцот од епохата во која музиката настанала, може да бидат од непроценлива помош во интерпретацијата.

Во овој пост го пренесувам она што го научив од мојот воркшоп со Gustavo Rosas, на кој тој држеше предавање за танцувањето во различните периоди од развојот на тангото и најважно - разликите во танцувањето од оркестар до оркестар.


Танц на трева

Според изворите кои се достапни на почетокот танго се танцувало на payadas (payadores), што на шпански значи балада - обично музика со две гитари и еден вокал (ако ви текнува такви песни често има кај Гардел). Се танцувало на отворено, во работничките гетоа на Буенос Аирес и Монтевидео, и поради тоа што подлогата не била лизгава (трева, земја, песок), во текот на играњето танчерите ги кревале нозете од земјата.

Како што е познато од историјата на тангото, во почетокот тангото било танц на сиромашните емигранти. Тие во тангото го внесувале духот и инструментите на земјите од кои доаѓале - поради тоа, за тангото може да се каже дека е интернационален производ. Исто е и со танцот. Тангото се збогатувало со елементи од другите танци кои со себе ги носеле емигрантите од Европа и од Африка, како и оние кои во тој момент се играле во Буенос Аирес и во Монтевидео.

Во овој период, интересно е дека во танцот не се користел кросот, а уште помалку очо. Танцот многу повеќе потсетувал на она што денес е познато како милонга. Со многу едноставни елементи, лажни чекори, клацкалки... Таква била и музиката. Во она време, музичарите свиреле за да може да се танцува - значи, музиката му била подредена на танцот. Така останало се до времето на периодот на Tango Salon.

Значи, историјата на тангото почнува во периодот кога почнува со работа оркестарот на Firpo од 1900 година и Canaro од 1920 година. Ова е период кога се стандардизира поставата на танго оркестар, најпрвин кај Firpo кој главно се потпира на пианото и на виолината. Canaro, пак, ја исфрла флејтата и го внесува бандонеонот. Главната промена што ја направил Canaro, е тоа што почнал да користи повеќе инструменти паралелно (на пример две, три виолини) со што се дава полнотија на музиката; а повторно го враќа и вокалот, што во времето на Firpo го немало.

Овие промени секако биле поврзани и со развојот на танцот. Во него се внесуваат повеќе елементи, но фактот дека тој се уште се одвива на улица, на земја, на трева, во основа значи дека нема многу големи промени. Главата на двата танчери е свртена во иста насока (машката налево, женската надесно) гледајќи кон отворената страна на прегратката.




Es tango!

Популарноста на тангото многу брзо расте. Во 1940-тите тангото станува популарно, најпрво меѓу богатите слоеви во Аргентина, а потоа и во Европа. Со тоа тангото се сели од сиромашните квартови и улиците, во удобните салони со мазен под. Трагите од оваа промена се очигледни: нозете на танчерите се лизгаат по подот, почнуваат да се прават посложени фигури. Во овој период почнува да се користи кросот, очото и скоро сите основни фигури кои ги знаеме и денес. Се појавува Tango Salon.

Од оркестрите во овој период се појавува генијалниот Fresedo. Исто така силно влијание на овој период имале и оркестрите на Pugliese и на Di Sarli.

Карактеристично за овој период е тоа што танчерите во пространите салони можеле слободно да ги прават фигурите. Имале изобилство простор и добра публика. Во наредниот период (1950-тите години) ова драстично ќе се смени - со тоа ќе се смени и начинот на танцување. Се појавува Tango Milonguero.

По што е карактеристичен овој стил. Прво, со појавата на рокенролот, класичната танго музика добива сериозна конкуренција, па доживува промени. Популарни стануваат оркестри со силен ритам како што се тоа оркестрите на D'Arienzo, на Biaggi, на Rodriguez.

Второ, салоните стануваат преполни за да може да се игра комотниот Tango Salon. Танцот се прилагодува на ограничениот простор на преполните салони. Чекорите стануваат помали, речиси невидливи, фигурите поедноставни, движењето главно кружно околу оската на парот. Тангото со тоа станува уште поелегантно. Најочигледната промена ја доживува прегратката: танчерите секогаш играат во затворена прегратка, без да се одвојат еден од друг. Девојката повеќе не гледа кон отворената страна на прегратката, туку право пред себе, преку рамото на мажот. Со тоа на мажот му се отвора видикот за да може да го најде слободниот простор за танц. Ова е најинтимната прегратка во целата танго историја.


Изобличувањето на тангото

Она што следува го води тангото во чудни и непредвидливи насоки. Во Аргентина во 1960-тите и 1970-тите години се воведува диктатура, што остава неизбришливи траги и на ликот на тангото. Најпрво, се појавува Tango Fantasia, кој воведува елементи на драматика, но и разбивање на строгата милонгеро форма.

Поради забраната за јавни собири (а и милонги) и интересот за танго во Европа и во Северна Америка, се појавуваат танго ѕвезди, кои го шират тангото како сценски спектакл со однапред готова кореографија (Tango Escenario). И овде главно се користат елементите на Tango Fantasia, како што е на пример моментот на целосно напуштање на прегратката и чекорење на партнерите еден покрај друг. Она танго кое го знаеме денес во Европа е главно она кое го ширеле ове патувачки циркузанти - со роза во устата, со шапка, со огромни фустани...

Од 1980-тите години наваму, е период на Tango Alternativo. Ова е период без правила. Се појавуваат мешања на танго и балет, танго и електронска музика, танго и било каква музика. Музички, за овој период е карактеристична музиката на Piazzolla. За некои е ова вистинско откровение, за некои крајот на танго музиката и танго танцот.

Saturday, October 16, 2010

10 работи без кои не можеш да играш танго

чек-листа за оние кои уште не почнале, да си проверат какви се нивните предиспозиции за танго; исто така, за оние кои веќе танцуваат, а сакаат да напредуваат, да си проверат на што би требало да обрнат внимание

Во овој период во кој учам танго сум видел луѓе кои доаѓаат, се обидуваат и си заминуваат; луѓе на кои не им оди, ама се упорни; луѓе на кои им оди неверојатно, ама не се замараат. Не е правило, ама најчесто уште веднаш може да се познае кого ќе го биде. Тоа може да го направи дури и некој што почнал скоро, како мене.

Ова е една добра чек-листа за оние кои уште не почнале, да си проверат какви се нивните предиспозиции за танго. Исто така, за оние кои веќе танцуваат, а сакаат да напредуваат, да си проверат на што би требало да обрнат внимание. Овде не се подредени по важност, туку само се набројани.

1. Слушај танго музика - Танцувањето може да биде прекрасно само ако е музикално; музикално може да биде ако оној што танцува ја (до)живее музиката; музиката може да се доживее само ако постојано се слуша. Откако почнав да танцувам ја баталив сета друга музика, постојано слушам само танго. Незамисливо ми е некој што го сака тангото, да не може да ја слуша традиционалната танго музика - таа е толку богата и разновидна... се обидувам често на омилените песни да им ги знам преводите на насловите или дури и на текстот. Не може да си цупкаш весело, ако завива виолина и пејачот вели 'ти ме сакаше, па ме напушти'.

2. Покажи ја својата страст - Ако во прегратката со партнерката срцето не ти заигрува, подобро оди бави се со некој спорт. Тангото е танц на страста, танц на заведувањето. Вдиши длабоко пред да почне танцот. Со положбата на телото, со движењата што ги правиш, со внимателноста на кон партнерката покажи ја својата страст. Од твоите чекори треба да зрачи тестостерон, од твоите движења - машкост. Кога го има тоа во прегратката сите наоколу ќе го почувствуваат. Немој таа енергија да ја пушташ во текот на целата песна. Напротив, треба како што тече песната тензијата да расте, како некоја грутка да ви се искачува од срцето кон грлото и тебе и на партнерката. Es tango!

3. Танцувај, танцувај, танцувај - На многу почетници сум им го кажал тоа кога ќе дојдат: напредуваш толку колку што време поминуваш во танцување. Тангото е како да леташ со авион, на пилотите во дозволите за летање не им пишува колку години се пилоти, туку колку часови летање имаат. Времето поминато на паркет е важно затоа што е многу битно да стекнеш осет за партнерката/партнерот, за се што правиш да стане рефлексно... Има една интересна вежба за тоа: на практика можеш да почнеш муабет со партнерката за да не мислите на чекорите што ги правите, за тие да станат рефлексни.

4. Покажи се - Ако некој нешто дробел против стејџ танго, тоа сум јас - ама овде не зборувам за тоа. Тангото е социјална работа. Кога танцуваш сите те гледаат и треба да се чувствуваш комотно во таа позиција. Дури, препорачливо е и да ти годи, затоа што тоа ќе ти даде дополнителна мотивација да учиш. Понекогаш ќе се случи сите парови да седнат и на подиум да останеш сам со партнерката, така што сите очи ќе бидат вперени во твоите нозе; ако не почнеш да уживаш во тоа, нешто не е во ред. Сепак, тангото не е танц за дома.

5. Биди музикален - Веќе споменав дека е важно да ја доживееш и да ја разбираш танго музиката. Ама музикалноста подразбира многу повеќе од тоа. Од моето скромно искуство знам дека тоа или го имаш, или го немаш; но знам и дека со вежбање можеш да го поправиш и усовршиш. Ако некогаш си се занимавал со музика, си свирел на инструмент, си бил дел од бенд - тоа многу ќе ти помогне. Јас ја имав таа среќа што како средношколец бев член на неколку бенда и чувствувам дека тоа што сум го научил ми користи. Генијалноста на традиционалната танго музика е што извонредно се совпаѓа со начинот на танцување и многу лесно можеш со чекор да изразиш некој звук што е изразен во музиката. Уште погенијално е што секоја промена се најавува, за ти со танцот да можеш тоа да го интерпретираш. Ова е цела наука за која верувам дека многу ќе пишувам понатаму.

6. Биди упорен - Уф, ѓавол знае колку пати сум си рекол дека ништо не знам. Има моменти кога мислиш дека си на врвот на светот, ама многу е лошо кога ќе треснеш на земја и ќе сфатиш дека не можеш правилно да направиш некоја обична работа. Затоа е потребна упорност, па дури и тврдоглавост. Ако на практика нешто ти се чини ѓаволски тешко и недостижно - вежбај го, дури и кога го мразиш. Ќе видиш дека тоа вежбање кога следниот пат ќе го прбаш тоа што си го правел, ќе се покаже многу корисно, еден момент ќе сфатиш дека го правиш многу подобро од порано. И да, важно е да имаш покрај себе луѓе кои ќе те вратат во реалноста повремено, да ти кажат дека не си за никаде, туку си само почетник кој напредува.

7. Воспостави вистински однос со партнерката - Истетовирај си во мислите: 'Почитувај ја партнерката'. Таа е твоето богатство на подиумот и се што правиш правиш за неа. Нејзина работа е да ти се препушти тебе, не танцот, на музиката. Тоа понекогаш е ужасно тешко и затоа во тоа мора ти да и помогнеш. Таа не знае што има зад неа, твоја работа е да се грижиш кога чекори наназад да не се удри во нешто, да не згазне некого... Гледај танцот да се одвива во најбезбедната позиција на твојот дел од подиумот, ама ако видиш опасност кликај abort! abort! - подобро откажи се од фигурата што си ја почнал отколку таа да ги отвори очите поради тоа што добила лакт во грбот. Што се однесува до девојките, за нив најубавата работа што може да им се случи е да танцуваат со партнер на кого може потполно да му веруваат и да му се препуштат - тоа е односот што тие би требало да го воспостават за да доживеат танго екстаза.

8. Научи ја традицијата на тангото - Многумина ќе си речат што ќе ми се такви теоретски работи? Не мора да се знаат, ништо не мора да се прави. Ама, за да ја сфатиш поентата на тоа што го правиш на подиум мора да знаеш многу повеќе од тоа кога да згазнеш на прсти, кога на петица. Приказната на тангото е многу возбудлива приказна. Читај сајтови, гледај филмови, слушај што зборуваат оние кои знаат, прашувај. Има милион варијации на овој танц и сите за себе викаат дека нивната е онаа вистинската, онаа која треба да се учи. Никогаш нема да сфатиш што е танго, ако не ја знаеш приказната на тангото.

9. Гледај како играат другите - Некаде прочитав дека оние што гледале како се прави нешто, учат 30% побрзо. Не знам колку е тоа точно, ама знам дека мене многу ми користат сите оние часови и часови поминати во гледање клипови на Youtube. Рафаел еднаш ме праша колку време танцувам, му реков 6 месеци. „Тоа што сега го знаеш, во Буенос Аирес ќе го знаеше за 1 месец“, ми одговори. Така е затоа што таму ќе гледав како луѓето танцуваат на подиум, ќе ја доживеев нивната енергија, нивниот начин на движење, нивната пргратка. За човекот нема поприроден начин за учење од мимезисот, поддражавањето, имитирањето.

10. Преиспитувај го тоа што го учиш - Во тангото нема правилно и неправилно - има убаво и неубаво, има работи кои фунцкионираат и кои не функционираат. Немој да се збуниш ако различни луѓе ти кажат различни работи, дури и спротивставени. Пробај, испитај, ако за тебе нешто функционира - тоа е ок. Ама немој дури ни на тоа да се потпираш потполно. По некое време преиспитај го и тоа, можеби новите искуства ќе ти покажат дека може да се направи подобро. Немој ништо да земаш здраво за готово, обидувај се да дознаеш зошто нешто мора да се направи на тој начин, а не поинаку. Дознавај ги причините за правилата, немој да учиш напамет. Само така ќе ја научиш суштината.

Секако дека не верувам дека овие работи се алфа и омега. Ова е она како јас сум ги доживеал работите. Верувам дека некој друг со многу нема да се сложи, или дека ќе има нешто да додаде. Ако е така, слободно нека повели во коментари.