Sunday, October 17, 2010

Приказната на тангото (1): Праисторија

танцот на имигрантите - андалузиско танго - африканска теорија - осамени мажи вежбаат танго - Куба и Шпанија, хабанера, милонга, кандомбе - величествениот момент да танцуваш со жена

Имигрантите во Аргентина веројатно со себе ги донеле и европските танци. Како и кога од нив почнало да еволуира тангото веројатно никогаш нема да дознаеме. Тоа е така затоа што тангото го создале луѓе кои по ништо не се интересни за историјата – сиромашните и обесправените. Често овој период на историјата мора да се потпре на забелешки што ги давале луѓе однадвор, оние кои за тангото знаеле многу малку или ништо.

Првото музичко дело кое себеси се опишува како танго е објавено во Аргентина во 1857 година. Се вика “Toma maté, ché”. Зборот танго во тоа време веројатно се однесувал на Андалузиско танго (tango andaluz), музички стил од област во Шпанија позната како дом на фламенкото.

Постојат повеќе теории за настанокот на зборот танго. Најпопуларна е онаа дека тој настанал во заедница на доселеници од Африка, кои ги искомбинирале зборот со кој го означувале својот бог, со шпанскиот збор за тапан (tambor) и излегле со зборот танго. Има докази дека овој збор се користел во африканската заедница (нигер-конго јазици), но е многу поверојатно дека тој е позајмен од името на друг вид музика (андалузиско танго). Секако дека, како и сите други заедници во Буенос Аирес, африканската заедница извршила силно влијание на тангото, но тоа не е пресудно.

Некои извори сметаат дека тангото е дериват на кубанската хабанера, уругвајската милонга и кандомбе, искомбинирани со африкански ритми на европски инструменти. Покрај тоа што современите форми на танго се поврзуваат со Аргентина и Уругвај, постојат извори кои докажуваат постоење на танго како танц порано од средината на 19 век и се поврзани со Куба и Шпанија.

Има докази дека тангото било пеено и свирено во втората половина на 19 век и дека парови во Буенос Аирес играле танго во 1890-тите години. Го играле главно белите стрејт мажи, сиромашни, необразовани, обесправени.

Според многу показатели тангото почнало да се свири и да се игра најпрвин во дворовите на имигрантските гетоа. Тие биле пренаселени и многу било веројатно луѓето доселени од различни делови од Европа со себе да носат инструменти: гитари, виолони или флејти, како и тогаш популарното органито; се собирале и си го разубавувале денот со популарните песни во тоа време, притоа додавајќи елементи од својата култура. Таму мажите сигурно можеле да играат и со девојки кои би можеле да ги освојат и да ги земат за жени. Тој микс на музика и култура со време еволуирал во танго.

Интерсно е да се каже дека во тоа време Аргентина добила железница што овозможило искористување на суровините за што требало работна сила. Тоа натерало многу европејци да ги остават семејствата и да тргнат во потрага по подобар живот. Така Буенос аирес се нашол преполн со мажи. Жените биле на цена, а за да се добијат имало само два начина: или да се платат проститутки или да се освојат со танцување. Оној кој танцувал добро и кој на девојката ќе и направел да се чувствува убаво можел да смета дека повторно ќе танцува и ќе има можност да се ожени. Лошиот танчер не само што немало да игра со жената, туку ни со нејзините пријателки. Тоа ги натерало мажите да ја користат секоја можност за вежбање танцување. Тие танцувале заедно, едни со други, за да бидат подготвени кога ќе дојде величествениот момент да танцуваат со жена.

Извори:
http://www.history-of-tango.com/couple-dancing.html
http://www.history-of-tango.com/tango-origins.html
http://en.wikipedia.org/wiki/History_of_Tango

2 comments:

  1. Dali strukturata na lokalnava tango-scena ke se promeni ako vo Makedonija se investira vo zeleznica?

    ReplyDelete
  2. Хм, тешко прашање... ама вреди да се проба :)

    ReplyDelete