Showing posts with label историја. Show all posts
Showing posts with label историја. Show all posts

Friday, November 19, 2010

Танго во 6 чекори

познавањето на епохоте е важно за добро танцување - танго без крос и без очо - Firpo и Canaro - влегувањето во големите салони - најинтимното и најелегантното танго, Tango Milonguero - танго декаденција: Fantasia, Escenario, Alternativo

Не мислам дека танцувањето на одредена музика треба да биде определно од тоа на какво танцување мислеле оние што ја правеле таквата музика - начинот на танцување зависи од тоа како музиката ја доживуваат оние што танцуваат, а не од музикантите. Сепак, познавањето на тоа на која музика како се танцувало може многу да го подобри танцувањето. Изразните средства во танцот од епохата во која музиката настанала, може да бидат од непроценлива помош во интерпретацијата.

Во овој пост го пренесувам она што го научив од мојот воркшоп со Gustavo Rosas, на кој тој држеше предавање за танцувањето во различните периоди од развојот на тангото и најважно - разликите во танцувањето од оркестар до оркестар.


Танц на трева

Според изворите кои се достапни на почетокот танго се танцувало на payadas (payadores), што на шпански значи балада - обично музика со две гитари и еден вокал (ако ви текнува такви песни често има кај Гардел). Се танцувало на отворено, во работничките гетоа на Буенос Аирес и Монтевидео, и поради тоа што подлогата не била лизгава (трева, земја, песок), во текот на играњето танчерите ги кревале нозете од земјата.

Како што е познато од историјата на тангото, во почетокот тангото било танц на сиромашните емигранти. Тие во тангото го внесувале духот и инструментите на земјите од кои доаѓале - поради тоа, за тангото може да се каже дека е интернационален производ. Исто е и со танцот. Тангото се збогатувало со елементи од другите танци кои со себе ги носеле емигрантите од Европа и од Африка, како и оние кои во тој момент се играле во Буенос Аирес и во Монтевидео.

Во овој период, интересно е дека во танцот не се користел кросот, а уште помалку очо. Танцот многу повеќе потсетувал на она што денес е познато како милонга. Со многу едноставни елементи, лажни чекори, клацкалки... Таква била и музиката. Во она време, музичарите свиреле за да може да се танцува - значи, музиката му била подредена на танцот. Така останало се до времето на периодот на Tango Salon.

Значи, историјата на тангото почнува во периодот кога почнува со работа оркестарот на Firpo од 1900 година и Canaro од 1920 година. Ова е период кога се стандардизира поставата на танго оркестар, најпрвин кај Firpo кој главно се потпира на пианото и на виолината. Canaro, пак, ја исфрла флејтата и го внесува бандонеонот. Главната промена што ја направил Canaro, е тоа што почнал да користи повеќе инструменти паралелно (на пример две, три виолини) со што се дава полнотија на музиката; а повторно го враќа и вокалот, што во времето на Firpo го немало.

Овие промени секако биле поврзани и со развојот на танцот. Во него се внесуваат повеќе елементи, но фактот дека тој се уште се одвива на улица, на земја, на трева, во основа значи дека нема многу големи промени. Главата на двата танчери е свртена во иста насока (машката налево, женската надесно) гледајќи кон отворената страна на прегратката.




Es tango!

Популарноста на тангото многу брзо расте. Во 1940-тите тангото станува популарно, најпрво меѓу богатите слоеви во Аргентина, а потоа и во Европа. Со тоа тангото се сели од сиромашните квартови и улиците, во удобните салони со мазен под. Трагите од оваа промена се очигледни: нозете на танчерите се лизгаат по подот, почнуваат да се прават посложени фигури. Во овој период почнува да се користи кросот, очото и скоро сите основни фигури кои ги знаеме и денес. Се појавува Tango Salon.

Од оркестрите во овој период се појавува генијалниот Fresedo. Исто така силно влијание на овој период имале и оркестрите на Pugliese и на Di Sarli.

Карактеристично за овој период е тоа што танчерите во пространите салони можеле слободно да ги прават фигурите. Имале изобилство простор и добра публика. Во наредниот период (1950-тите години) ова драстично ќе се смени - со тоа ќе се смени и начинот на танцување. Се појавува Tango Milonguero.

По што е карактеристичен овој стил. Прво, со појавата на рокенролот, класичната танго музика добива сериозна конкуренција, па доживува промени. Популарни стануваат оркестри со силен ритам како што се тоа оркестрите на D'Arienzo, на Biaggi, на Rodriguez.

Второ, салоните стануваат преполни за да може да се игра комотниот Tango Salon. Танцот се прилагодува на ограничениот простор на преполните салони. Чекорите стануваат помали, речиси невидливи, фигурите поедноставни, движењето главно кружно околу оската на парот. Тангото со тоа станува уште поелегантно. Најочигледната промена ја доживува прегратката: танчерите секогаш играат во затворена прегратка, без да се одвојат еден од друг. Девојката повеќе не гледа кон отворената страна на прегратката, туку право пред себе, преку рамото на мажот. Со тоа на мажот му се отвора видикот за да може да го најде слободниот простор за танц. Ова е најинтимната прегратка во целата танго историја.


Изобличувањето на тангото

Она што следува го води тангото во чудни и непредвидливи насоки. Во Аргентина во 1960-тите и 1970-тите години се воведува диктатура, што остава неизбришливи траги и на ликот на тангото. Најпрво, се појавува Tango Fantasia, кој воведува елементи на драматика, но и разбивање на строгата милонгеро форма.

Поради забраната за јавни собири (а и милонги) и интересот за танго во Европа и во Северна Америка, се појавуваат танго ѕвезди, кои го шират тангото како сценски спектакл со однапред готова кореографија (Tango Escenario). И овде главно се користат елементите на Tango Fantasia, како што е на пример моментот на целосно напуштање на прегратката и чекорење на партнерите еден покрај друг. Она танго кое го знаеме денес во Европа е главно она кое го ширеле ове патувачки циркузанти - со роза во устата, со шапка, со огромни фустани...

Од 1980-тите години наваму, е период на Tango Alternativo. Ова е период без правила. Се појавуваат мешања на танго и балет, танго и електронска музика, танго и било каква музика. Музички, за овој период е карактеристична музиката на Piazzolla. За некои е ова вистинско откровение, за некои крајот на танго музиката и танго танцот.

Tuesday, October 26, 2010

Адолфо Карабели

1893 - На 8 септември во Сан Фернандо (Аргентина) се раѓа Адолфо Карабели (Adolfo Carabelli) еден од најобразованите, ни и еден од најпотценетите танго-музичари.

- Уште како дете почнува да учи пиано, композиција, хармонија - секогаш насочен кон класичната музика. Добива образование од најдобрите учители во Аргентина.

1908 - На 15 години станува виртуоз и настапува на самостојни концерти во Буенос Аирес. Учителите сметаат дека немаат што повеќе да го научат и дека треба да продолжи да учи од италијанските мајстори.

1913 - Се запишува на Лицејот во Болоња каде што на 20 години дипломира композиција. Го очекува голема кариера на композитор и концертен музичар во Европа, но првата светска војна го присилува да се врати во Аргентина.

1917 - Како член на „Trio Argentina" каде што свири класика, се запознава со џез-пианистот Lipoff, по што настанува пресврт во неговата кариера. Со Lipoff, a подоцна и со данскиот пианист Friederickson, го формираат и водат River Jazz Band.

1925 - На барање на радио станица од Буенос Аирес, води џез оркестар именуван според неговото презиме. Снима во студио. Денес е тешко да се преслушуваат тие снимки поради лошиот квалитет.

1931 - Звукот на неговиот оркестар станува комплетно препознатлив за Буенос Аирес. Покрај џез, свири и танго. Снима редовно. Со неговиот оркестар настапуваат најпознатите музичари на тој период. Соработува и со неговиот брат - басистот Орландо Карабели. Од вокалистите настапува со Шарло, Мерцедес Симоне, Карлос Лафуенте, Луи Диаз, Алберто Гомез (под псевдонимот Нико) и Гомез-дуото. На снимките неговиот оркестар се именува на повеќе начини: "Adolfo Carabelli y su Orqesta", "Adolfo Carabelli y su Orqesta Tipica" или "Adolfo Carabelli y su Jazz Band". Го проширува опсегот на инструменти - вклучува тапани, тромбон, фагот и слично.

- Најпознати танго песни на неговиот оркестар се "Mi refugio" (1931); "Cantando" (1932) - дует Simone-Charlo; "Felicia" (1932); "Por donde andara" (1932); "Inspiracion" (1932); "Mar adentro" (1933). И песните кои не се танго, но кои денес се перципираат како танго се дел од репертоарот на неговиот оркестар - "Rodriguez Pena" (1932) и "El trece" (1932 ). Свири и фокстрот, румба и други популарни жанрови.

- Иако неговото име не се појавува на снимките, тој го водел и Orqesta Tipica Victor. Неговото влијание го направило овој оркестар еден од најдобрите во своето време.

- Ги напишал музичките прилози за повеќе филмови - "De la sierra al valle" (1938); "Ambicion" (1939); "El Angel de trapo" (1940); "Pajaro sin nido" (1940).

1940 - Со Victor ја снима последната снимка со фокстрот по што се повлекува. Се зборува дека станува збор за некаква сентиментална драма која го скршила. Предава во родниот Сан Фернандо.

1947 - Комплетно отфрлен од шоу-бизнисот умира на 25 јануари 1947 година.

1980 - Неколку негови снимки се преиздадени како дел од "Las Orqestas Olvidadas" (Заборавените оркестри). Во средината на 1990-тите тој повторно се здобива со заслуженото место меѓу музичките великани на старата гарда на тангото.

извор: todotango.com

Tuesday, October 19, 2010

Приказната на тангото (2): Почетоците

тангото тргнува во светот - доаѓањето на бандонеонот - тангото во Европа станува салонско танго - La Cumparsita или Мала парада - со Карлос Гардел тангото станува љубовна сага

Почетоците на танго музиката и танцот се периодот на развојот на овој феномен од неговото создавање во сиромашните имигрантски квартови, до Златното доба (од средината на 1930-тите години) кога станува популарен во целиот свет. Откако конечно ја добило својата физиономија како посебен танц во кој најголемо влијание имале африканските ритми и европските инструменти, тангото тргнало во походот да го освои светот.

Веќе во 1902 година најголемиот театар во Буенос Аирес – Театро Опера на својот репертоар имал балови на кои како танц вклучувал и танго. Најпрвин тангото било само еден од многуте локални танци, но набргу неговата популарност ги надминала другите танци. Кон тоа најмногу придонеле тетарските дружини и уличните свирачи кои го ширеле низ работничките предградија и гетоа кои биле пребукирани со илјадници имигранти од Европа. Затоа многу често се смета дека тангото е танцот на имигрантите во Аргентина.

Од 1903 до 1910 година една третина од снимените грамофонски плочи во Аргентина биле со музика за танго. Во 1910 година од Германија во Аргентина пристигнал бандонеонот (вид на германска хармоника) – кој оттогаш ќе стане препознатлив симбол на танго музиката. Периодот од 1912 е одбележан со популарноста на Хуан „Пачо“ Маглио (Juan “Pacho” Maglio) и неговиот бенд составен од бандеон, придружен со флејта, виолина и гитара.

Следел период кога танчери и музичари од Буенос Аирес (Аргентина) и Монтевидео (Уругвај) патувале низ светот и ја ширеле танго културата. Центaр во Европа бил Париз, а следеле Лондон и Берлин. Кон крајот на 1913 тангото станало популарно и во Њујорк во САД, како и во Финска.

Тангото е трет танц во кој мажот и жената стојат лице со лице – пред него тоа било случај само со валцерот и полката. Но, тангото се разликува и од двата претходници по тоа што има шокантно голема интимност на парот, за разлика од валцерот и полката каде што допирите главно се ограничени на рацете. Кога тангото било „извезено“ во Европа и Америка, тоа било модифицирано да има што е можно помалку телесен контакт. Така се развило салонското танго (ballroom tango). Меѓутоа со популарноста на фокстротот и самбата, како и киното, опаѓа популарноста на овој вид танго надвор од Јужна Америка.

Високите класи во Аргентина го прифатиле овој танц на сиромашните како свој, па така тангото се преселило од темните сиромашни квартови во елегантните сали за играње. Во 1916 година популарниот музичар Роберто Фирпо (Roberto Firpo) ја зацементирал стандардната постава за танго музика – два бандеона, две виолини, пиано и бас. Фирпо, исто така го адаптирал за танго маршот на уругваецот Жерардо Матос Родригез (Gerardo Matos Rodrigez) и со тоа ја создал препознатливата „La Cumparsita“ (во превод „Мала парада“). Во 1917 година фолк пејачот Карлос Гардел (Carlos Gardel) ја снима песната „Mi Noche Triste“ и засекогаш го поврзува тангото со трагичната љубов. Во 1920 година виолинистот со бекграунд од класичната музика, Хулио Де Каро (Julio De Caro) формирал оркестар со кој доминирал скоро една декада. Тој тангото го направил поелегантно, поспоро и порафинирано.

Кон крајот на 1929 година и во Аргентина доаѓа Големата депресија што довело до политички турбуленции. Несигурноста придонела да опадне и интересот за танго извесен период. Популарноста на тангото ќе се зголеми повторно од средината на 1930 години, со Златното доба на тангото.

Извори:
http://www.history-of-tango.com/couple-dancing.html
http://en.wikipedia.org/wiki/History_of_Tango

Sunday, October 17, 2010

Приказната на тангото (1): Праисторија

танцот на имигрантите - андалузиско танго - африканска теорија - осамени мажи вежбаат танго - Куба и Шпанија, хабанера, милонга, кандомбе - величествениот момент да танцуваш со жена

Имигрантите во Аргентина веројатно со себе ги донеле и европските танци. Како и кога од нив почнало да еволуира тангото веројатно никогаш нема да дознаеме. Тоа е така затоа што тангото го создале луѓе кои по ништо не се интересни за историјата – сиромашните и обесправените. Често овој период на историјата мора да се потпре на забелешки што ги давале луѓе однадвор, оние кои за тангото знаеле многу малку или ништо.

Првото музичко дело кое себеси се опишува како танго е објавено во Аргентина во 1857 година. Се вика “Toma maté, ché”. Зборот танго во тоа време веројатно се однесувал на Андалузиско танго (tango andaluz), музички стил од област во Шпанија позната како дом на фламенкото.

Постојат повеќе теории за настанокот на зборот танго. Најпопуларна е онаа дека тој настанал во заедница на доселеници од Африка, кои ги искомбинирале зборот со кој го означувале својот бог, со шпанскиот збор за тапан (tambor) и излегле со зборот танго. Има докази дека овој збор се користел во африканската заедница (нигер-конго јазици), но е многу поверојатно дека тој е позајмен од името на друг вид музика (андалузиско танго). Секако дека, како и сите други заедници во Буенос Аирес, африканската заедница извршила силно влијание на тангото, но тоа не е пресудно.

Некои извори сметаат дека тангото е дериват на кубанската хабанера, уругвајската милонга и кандомбе, искомбинирани со африкански ритми на европски инструменти. Покрај тоа што современите форми на танго се поврзуваат со Аргентина и Уругвај, постојат извори кои докажуваат постоење на танго како танц порано од средината на 19 век и се поврзани со Куба и Шпанија.

Има докази дека тангото било пеено и свирено во втората половина на 19 век и дека парови во Буенос Аирес играле танго во 1890-тите години. Го играле главно белите стрејт мажи, сиромашни, необразовани, обесправени.

Според многу показатели тангото почнало да се свири и да се игра најпрвин во дворовите на имигрантските гетоа. Тие биле пренаселени и многу било веројатно луѓето доселени од различни делови од Европа со себе да носат инструменти: гитари, виолони или флејти, како и тогаш популарното органито; се собирале и си го разубавувале денот со популарните песни во тоа време, притоа додавајќи елементи од својата култура. Таму мажите сигурно можеле да играат и со девојки кои би можеле да ги освојат и да ги земат за жени. Тој микс на музика и култура со време еволуирал во танго.

Интерсно е да се каже дека во тоа време Аргентина добила железница што овозможило искористување на суровините за што требало работна сила. Тоа натерало многу европејци да ги остават семејствата и да тргнат во потрага по подобар живот. Така Буенос аирес се нашол преполн со мажи. Жените биле на цена, а за да се добијат имало само два начина: или да се платат проститутки или да се освојат со танцување. Оној кој танцувал добро и кој на девојката ќе и направел да се чувствува убаво можел да смета дека повторно ќе танцува и ќе има можност да се ожени. Лошиот танчер не само што немало да игра со жената, туку ни со нејзините пријателки. Тоа ги натерало мажите да ја користат секоја можност за вежбање танцување. Тие танцувале заедно, едни со други, за да бидат подготвени кога ќе дојде величествениот момент да танцуваат со жена.

Извори:
http://www.history-of-tango.com/couple-dancing.html
http://www.history-of-tango.com/tango-origins.html
http://en.wikipedia.org/wiki/History_of_Tango