Saturday, July 23, 2011

Тангеро е погрешно, милонгеро е правилно

Имајќи предвид дека 99% од луѓето заразени со танго не се професионални танчери и танцуваат само на милонги - јасно е дека сите тие се „милонгероси“

„Тангеро“/„тангера“ е збор што означува некој што танцува танго. Кратко и јасно. И точно! Арно ама, непрецизно.

Многу често јазикот ги одразува нашите мисли и ставови, дури и кога немаме намера тоа да го правиме. Преку зборовите на другите им наметнуваме ставови, дури и кога не сме свесни за тоа. Таков е и овој случај.

Затоа инсистирам на употребата на зборот „милонгеро“, а не „тангеро“. Која е разликата?
За разлика од „тангеро“ кој е збор со многу широко значење, зборот „милонгеро“ е далеку попрецизен. „Милонгеро“/„милонгера“ е човек кој често оди на милонги и танцува.

Сличност - И во двата случаи станува збор за луѓе што танцуваат танго.

Разлика - Зборот „милонгеро“ означува некој што танцува танго на милонги. „Тангеро“ не прецизира каде се танцува тоа танго.

Ова значи дека под „тангероси“ спаѓаат и професионалците кои танцуваат на натпревари, по сцени, на разни шоу претстави, во филмови и спотови и слично. Значи ако дефинираме попрецизно - „милонгероси“ се обично аматери, оние кои играат social tango - „тангеросите“, пак, играат се.

Имајќи предвид дека 99% од луѓето заразени со танго не се професионални танчери и танцуваат само на милонги - јасно е дека сите тие се „милонгероси“.

ЗОШТО ТАНГЕРО? Според мене, зборот „тангеро“ се шири поради неколку причини:

1) Поради тоа што зборот „милонгеро“ и е многу нејасен на пошироката публика. „Тангеро“ го содржи зборот танго и на лаиците им е појасен.

2) Поради тоа што тие што го користат навистина не мислат на „милонгероси“, туку на „тангероси“. Нив им е неугодно да кажат „милонгеро“ за некој чие танцување не е social tango - овде мислам на разните нуево играчи и плагијатори на разни танго селебрити - сценски играчи. Сепак, дури и таквите (со бучкуруш стил на танцување) се само милонгероси, затоа што танцуваат само на милонги.

3) Затоа што свесно сакаат да го наметнат ставот дека сите сме тангероси, независно каков стил танцуваме (притоа мислат на танго милонгеро). Грешка прават во тоа што зборот „милонгеро“ не доаѓа од името на стилот танго милонгеро, туку обратно (танго милонгеро е измислица на Сузана Милер, која така го нарекла стилот на милонгеросите од златното доба). Зборот милонгеро не ги исклучува оние кои играат нуево или што и да е - тој само означува човек што оди на милонги и танцува.