чек-листа за оние кои уште не почнале, да си проверат какви се нивните предиспозиции за танго; исто така, за оние кои веќе танцуваат, а сакаат да напредуваат, да си проверат на што би требало да обрнат внимание
Во овој период во кој учам танго сум видел луѓе кои доаѓаат, се обидуваат и си заминуваат; луѓе на кои не им оди, ама се упорни; луѓе на кои им оди неверојатно, ама не се замараат. Не е правило, ама најчесто уште веднаш може да се познае кого ќе го биде. Тоа може да го направи дури и некој што почнал скоро, како мене.
Ова е една добра чек-листа за оние кои уште не почнале, да си проверат какви се нивните предиспозиции за танго. Исто така, за оние кои веќе танцуваат, а сакаат да напредуваат, да си проверат на што би требало да обрнат внимание. Овде не се подредени по важност, туку само се набројани.
1. Слушај танго музика - Танцувањето може да биде прекрасно само ако е музикално; музикално може да биде ако оној што танцува ја (до)живее музиката; музиката може да се доживее само ако постојано се слуша. Откако почнав да танцувам ја баталив сета друга музика, постојано слушам само танго. Незамисливо ми е некој што го сака тангото, да не може да ја слуша традиционалната танго музика - таа е толку богата и разновидна... се обидувам често на омилените песни да им ги знам преводите на насловите или дури и на текстот. Не може да си цупкаш весело, ако завива виолина и пејачот вели 'ти ме сакаше, па ме напушти'.
2. Покажи ја својата страст - Ако во прегратката со партнерката срцето не ти заигрува, подобро оди бави се со некој спорт. Тангото е танц на страста, танц на заведувањето. Вдиши длабоко пред да почне танцот. Со положбата на телото, со движењата што ги правиш, со внимателноста на кон партнерката покажи ја својата страст. Од твоите чекори треба да зрачи тестостерон, од твоите движења - машкост. Кога го има тоа во прегратката сите наоколу ќе го почувствуваат. Немој таа енергија да ја пушташ во текот на целата песна. Напротив, треба како што тече песната тензијата да расте, како некоја грутка да ви се искачува од срцето кон грлото и тебе и на партнерката. Es tango!
3. Танцувај, танцувај, танцувај - На многу почетници сум им го кажал тоа кога ќе дојдат: напредуваш толку колку што време поминуваш во танцување. Тангото е како да леташ со авион, на пилотите во дозволите за летање не им пишува колку години се пилоти, туку колку часови летање имаат. Времето поминато на паркет е важно затоа што е многу битно да стекнеш осет за партнерката/партнерот, за се што правиш да стане рефлексно... Има една интересна вежба за тоа: на практика можеш да почнеш муабет со партнерката за да не мислите на чекорите што ги правите, за тие да станат рефлексни.
4. Покажи се - Ако некој нешто дробел против стејџ танго, тоа сум јас - ама овде не зборувам за тоа. Тангото е социјална работа. Кога танцуваш сите те гледаат и треба да се чувствуваш комотно во таа позиција. Дури, препорачливо е и да ти годи, затоа што тоа ќе ти даде дополнителна мотивација да учиш. Понекогаш ќе се случи сите парови да седнат и на подиум да останеш сам со партнерката, така што сите очи ќе бидат вперени во твоите нозе; ако не почнеш да уживаш во тоа, нешто не е во ред. Сепак, тангото не е танц за дома.
5. Биди музикален - Веќе споменав дека е важно да ја доживееш и да ја разбираш танго музиката. Ама музикалноста подразбира многу повеќе од тоа. Од моето скромно искуство знам дека тоа или го имаш, или го немаш; но знам и дека со вежбање можеш да го поправиш и усовршиш. Ако некогаш си се занимавал со музика, си свирел на инструмент, си бил дел од бенд - тоа многу ќе ти помогне. Јас ја имав таа среќа што како средношколец бев член на неколку бенда и чувствувам дека тоа што сум го научил ми користи. Генијалноста на традиционалната танго музика е што извонредно се совпаѓа со начинот на танцување и многу лесно можеш со чекор да изразиш некој звук што е изразен во музиката. Уште погенијално е што секоја промена се најавува, за ти со танцот да можеш тоа да го интерпретираш. Ова е цела наука за која верувам дека многу ќе пишувам понатаму.
6. Биди упорен - Уф, ѓавол знае колку пати сум си рекол дека ништо не знам. Има моменти кога мислиш дека си на врвот на светот, ама многу е лошо кога ќе треснеш на земја и ќе сфатиш дека не можеш правилно да направиш некоја обична работа. Затоа е потребна упорност, па дури и тврдоглавост. Ако на практика нешто ти се чини ѓаволски тешко и недостижно - вежбај го, дури и кога го мразиш. Ќе видиш дека тоа вежбање кога следниот пат ќе го прбаш тоа што си го правел, ќе се покаже многу корисно, еден момент ќе сфатиш дека го правиш многу подобро од порано. И да, важно е да имаш покрај себе луѓе кои ќе те вратат во реалноста повремено, да ти кажат дека не си за никаде, туку си само почетник кој напредува.
7. Воспостави вистински однос со партнерката - Истетовирај си во мислите: 'Почитувај ја партнерката'. Таа е твоето богатство на подиумот и се што правиш правиш за неа. Нејзина работа е да ти се препушти тебе, не танцот, на музиката. Тоа понекогаш е ужасно тешко и затоа во тоа мора ти да и помогнеш. Таа не знае што има зад неа, твоја работа е да се грижиш кога чекори наназад да не се удри во нешто, да не згазне некого... Гледај танцот да се одвива во најбезбедната позиција на твојот дел од подиумот, ама ако видиш опасност кликај abort! abort! - подобро откажи се од фигурата што си ја почнал отколку таа да ги отвори очите поради тоа што добила лакт во грбот. Што се однесува до девојките, за нив најубавата работа што може да им се случи е да танцуваат со партнер на кого може потполно да му веруваат и да му се препуштат - тоа е односот што тие би требало да го воспостават за да доживеат танго екстаза.
8. Научи ја традицијата на тангото - Многумина ќе си речат што ќе ми се такви теоретски работи? Не мора да се знаат, ништо не мора да се прави. Ама, за да ја сфатиш поентата на тоа што го правиш на подиум мора да знаеш многу повеќе од тоа кога да згазнеш на прсти, кога на петица. Приказната на тангото е многу возбудлива приказна. Читај сајтови, гледај филмови, слушај што зборуваат оние кои знаат, прашувај. Има милион варијации на овој танц и сите за себе викаат дека нивната е онаа вистинската, онаа која треба да се учи. Никогаш нема да сфатиш што е танго, ако не ја знаеш приказната на тангото.
9. Гледај како играат другите - Некаде прочитав дека оние што гледале како се прави нешто, учат 30% побрзо. Не знам колку е тоа точно, ама знам дека мене многу ми користат сите оние часови и часови поминати во гледање клипови на Youtube. Рафаел еднаш ме праша колку време танцувам, му реков 6 месеци. „Тоа што сега го знаеш, во Буенос Аирес ќе го знаеше за 1 месец“, ми одговори. Така е затоа што таму ќе гледав како луѓето танцуваат на подиум, ќе ја доживеев нивната енергија, нивниот начин на движење, нивната пргратка. За човекот нема поприроден начин за учење од мимезисот, поддражавањето, имитирањето.
10. Преиспитувај го тоа што го учиш - Во тангото нема правилно и неправилно - има убаво и неубаво, има работи кои фунцкионираат и кои не функционираат. Немој да се збуниш ако различни луѓе ти кажат различни работи, дури и спротивставени. Пробај, испитај, ако за тебе нешто функционира - тоа е ок. Ама немој дури ни на тоа да се потпираш потполно. По некое време преиспитај го и тоа, можеби новите искуства ќе ти покажат дека може да се направи подобро. Немој ништо да земаш здраво за готово, обидувај се да дознаеш зошто нешто мора да се направи на тој начин, а не поинаку. Дознавај ги причините за правилата, немој да учиш напамет. Само така ќе ја научиш суштината.
Секако дека не верувам дека овие работи се алфа и омега. Ова е она како јас сум ги доживеал работите. Верувам дека некој друг со многу нема да се сложи, или дека ќе има нешто да додаде. Ако е така, слободно нека повели во коментари.
No comments:
Post a Comment